Пратеничката група на СДСМ го напушти собранието во кое во моментот се одржува пленарната седница на чиј дневен ред, меѓудругото, се интерпелации за петмина функционери – Изет Меџити, Иван Стоиљковиќ, Панче Тошковски, Астрит Исени и Илире Даути.
На потегот на опозициската партија претходеше прес-конференција на координаторот на пратеничката група, Оливер Спасовски кој најави дека партијата ниту ќе гласа, ниту ќе ги поддржи интерпелациите.
„Македонското Собрание во ниту еден случај не смее да биде мегдан за поттикнување на какви било меѓуетнички тензии и отворање можности за поделби помеѓу граѓаните. Доколку намерите на подносителите биле вистински причините за интерпелациите, не смееле во ниту еден случај да бидат поврзани со етнички контекст, туку да бидат единствено со аргументи и со факти за работата на одреден министер или функционер. А, за жал аргументи, факти има колку сакате за да најдете причина за било каква интерпелација“, изјави Спасовски.











