„Номагас“, вработува 35 нови луѓе, брифираат оттаму за Телма.
На, кои позиции; за колкава плата, и што точно ќе работат јавноста остана без детали.
Oваа компанија треба да го реализира гасното поврзување со Грција.
Но, од неодамна „Номагас“ изби прва на листата должници на министерството за финансии со долг од 95 милиони евра.
Од компанијата за Телма соопштија дека овој долг очекуваат да биде избришан во третиот квартал во годината со образложение дека станува збор за заем, кој треба да се трансформира во влог процес кој што завршил на крајот од јуни.
Од компанијата одговорија на прашањето на Телма за потребата од нови вработувања. Велат: „Номагас“ АД Скопје веќе располага со гасовод од Бугарија до Скопје во должина од 100 километри како и градска гасоводна мрежа во самиот град Скопје изградени во 90-тите години од минатиот век.
Овој гасовод бил преземен од АД Гама Скопје преку спојувањето и формирањето на „Номагас“ АД Скопје и за истиот биле ангажирани 60 вработени.
Покрај овој гасовод, „Номагас“ располага и со ново-изградени гасоводи во должина од 270 километри.
Ваквите факти ја наметнуваат потребата од зголемување на бројот на вработени кои треба да го опслужат тековното работење во секој сегмент за што е неопходен кадар од административен, технички и до инженерски профил.
Понатаму, додаваат дека „треба да се има во предвид и тоа дека поради заминување на кадар во пензија доаѓа до потреба и од замена на таквиот кадар,“.
Огласот во „Номагас“ не е повеќе истакнат, а останува фактот дека се реализираше во последен миг пред Собранието да ги распише локалните избори.











