Со нов состав од една страна и без нови очекувања од другата страна, по пауза од речиси шест месеци, денес во МНР во Скопје почна 32 седница на македонско бугарската историска комисија. Кои ќе бидат темите за кои историчарите ќе расправаат официјално не се открива но она што е познато е дека минатиот состав заглави кај значењето на личноста и делото на Гоце Делчев каде што историчарите од двете страни имаа речиси дијаметрално спротивни ставови а има отворени прашања и околу настани и личности од Средниот век.
Дел од членовите на Комисијата не открија дали ќе бараат ревидирање на дел од одлуките кои ги донесе претходниот состав.
Копретседателот на комисијата за историски прашања, бугарскиот историчар и дипломат Ангел Димитров, се воздржа од изјави и коментари пред почетокот на средбата.
Претходно историчарот Митко Панов изјави дека тој и неговите колеги треба да ја запознаат методологијата и концептот на работа и дека очекува слободно изразување на ставовите на членовите односно на македонската историографија додека Димитров во изјава за бугарските медиуми кажа дека очекува македонскиот тим во комисијата да продолжи со остриот тон на Владата.
На почетокот на септември Владата ги именуваше новите членови на комисијата и за копретседател го назначи професорот Ванчо Ѓорѓиев кој извесно време беше дел од минатиот состав.
Досега Комисијата усвои препораки за заедничко чествување на пет историски ликови – Светите браќа Кирил и Методиј, Св. Наум Охридски, Св. Климент Охридски и Цар Самоил и по пет препораки за измени во учебниците по историја за шесто одделение во Македонија и за пети клас во Бугарија
Заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања беше формирана како резултат на Договорот за добрососедство меѓу Северна Македонија и Бугарија потпишан на 1 август 2017 година.
Oгнен Чанчаревиќ











