Бурни реакции поради новиот предлог-закон за забрана на пушење цигари. На социјалните мрежи се појави лавина од коментари од граѓаните. Некои сметаат дека државата со ова нашла начин да го полни буџетот, други дека ќе замре ноќниот живот, но има и такви кои даваат поддршка.
И граѓаните кои ги анкетиравме утрово имаат поделени мислења. За дел од нив, законот е добар, додека други сметаат дека е престрог.
„Одлично, паметна идеја. Требаше да се направи многу порано“, вели една граѓанка.
„Мислам дека е престрог“, кажа еден од анкетираните.
„Може. Гледам дека секаде фрлаат пикавци. Нема дисциплина. И ние треба да бидеме чисти и дисциплинирани, како и во странство“, додава друг граѓанин.
Угостителите кои ги исконтактиравме тврдат дека и претходно постоел добар закон, кој не се почитувал. Но, за нивниот конкретен став во врска со новото законско решение, до објавувањето на прилогот не добивме одговор, со најава дека сите забелешки ќе ги достават од понеделник до надлежното министерство.
Според предлог-законот, се воведуваат значително поригорозни мерки за тутунските и никотинските производи, кои опфаќаат класични цигари, електронски цигари и вејпови. Пушењето ќе биде забрането во сите затворени јавни простори, на терасите на угостителските објекти кои не се целосно отворени од најмалку три страни, како и во автомобили во присуство на деца, на станици, пазари и други јавни места. Дополнително, увозот и продажбата ќе бидат строго ограничени, а цигарите целосно ќе се повлечат од видното поле на купувачите во маркетите. Исто така, ќе има и целосна забрана за рекламирање.
Од надлежното министерство се надеваат дека со ова законско решение ќе се намали изложеноста на чад и аеросоли, како и дека ќе се спречи појавата на нови генерации зависници.
Неодамна беше објавено истражување според кое стапката на пушење кај возрасните е над 45 отсто, што е далеку над европскиот просек, а годишно умираат до 4.000 лица од болести тесно поврзани со пушењето. Последни, но и најмалку погодени, се тутунската индустрија, како и увозниците на тутунски производи, кои најавија дека својот став ќе го соопштат следната седмица.
Предлог-законите од денеска попладне треба да бидат достапни на ЕНЕР-страницата, каде што секој ќе може да достави забелешки по предложеното законско решение.
Софија Бислимоски











