Иранската Исламска револуционерна гарда со ракети и беспилотни летала нападна повеќе трговски пловила и бродови на американската воена морнарица, во исто време повторно напаѓајќи ја нафтената инфраструктура на Обединетите Арапски Емирати.
Спикерот на иранскиот парламент, Мохамад Галибаф, кој ја предводеше иранската преговарачка делегација на првата рунда преговори минатиот месец, денеска порача дека ова е само почетокот, нагласувајќи дека на целиот свет му е јасно оти Соединетите држави не можат да си дозволат продолжување на статус квото во Персискиот залив.
Осврнувајќи се на нападите, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека американската морнарица уништила шест ирански брзи пловила, што беше негирано од Техеран.
Според американската страна, од вчера започна да се спроведува операцијата „Слобода“, која има за цел наведување на стотиците заглавени бродови во теснецет преку безбеден коридор. Но, засега нема речиси никакви информации како тоа се одвива.
Да, среќни сме исто така, но не сме сигурни за овие вести. Досега немаме добиено конкретни информации во врска со овој транзит низ Ормускиот теснец, бидејќи сѐ уште чекаме потврда од повеќе поморски тела и нашата компанија, изјави за западните новински агенции Раман капур, капетан на брод заглавен во Персискиот залив.
Иранците продолжуваат да инсистираат дека единствено тие го контролираат поморскиот сообраќај во теснецот, и секое пловило што сака да помине преку него, мора да добие дозвола од Иран.
Во обележаната зона, секој брод што ќе се обиде да помине, мора да има дозвола од вооружените сили на Исламската република за тоа безбедно да го направи. Секое пловило на непријателот кое ќе се обиде да помине ќе биде пресретнато, порача членот на политичкото крило на Револуционерната гарда Јадола Џавани.
Се проценува дека околу 2.000 бродови се заглавени во Персискиот залив по затворањето на Ормускиот теснец на почетокот на војната меѓу Соединетите држави и Израел против Иран. Само компанијата Маерск потврди дека еден нејзин брод успеал да помине низ теснецот со помош на американската морнарица.
Игор Трајков











