Повторно e одложено судењето за случајот на Теодора Ристовска од Тетово, поради лекување на обвинетиот. Семејството вели не се откажува и битката ќе ја тера до крај, а нивната адвокатка ќе проверува дали навистина е во болница.
Во септември во 2022 година, Теодора беше прегазена во Тетово од БМВ кое го управувал Менсур Пајазити. Тетовскиот суд во ноември во 2023 година пресуди три и пол години затвор за возачот. Тој се жалеше на висината на казната. Вишото јавно обвинителство во Гостивар се согласува со неговата жалба, а Апелациониот суд во Гостивар му ја намалува казната на Пајазити, на две години затвор.
Но, тој не оди во затвор, туку Врховниот суд го уважува неговото барање за вонредно преиспитување на пресудата и ги укинува двете пресуди на пониските судови по што го враќа предметот на повторно судење во основниот суд.
Пајазити е обвинет за „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ од ставот 4 за кој е предвиден затвор од една до пет години.











