Пожарот кај селото Нивичино каде што гори нискостеблеста шума и кој се гаси од земја и од воздух е најголемиот активен пожар во државата во моментов, соопшти ЦУК. Активни сè уште два пожари во прилепскиот регион додека под контрола сè уште пет за кои ако временските прилики останат исти надлежните се надеваат дека ќе ги изгаснат целосно до крајот на денот.
Покрај Нивичино каде се гаси од земја и од воздух, модифицираните возила на ДЗС се испратени и кај велешко Ивановци и кај селото Крушје во Македонски Брод а гори и во прилепско кај селата Ракле и Фариш. Во гасењето ќе учествуваат и 30 припадници на АРМ.
„Два „ер трактори“ на ДЗС како и две возила со екипаж ќе бидат ангажирани на пожарот кај село Нивичино. Исто така на овој пожар ќе биде ангажиран и хеликоптер на МВР. Вториот хеликоптер на МВР и како и воздухопловот на АРМ се ставени во готовност и ќе се ангажираат според приоритетите и потребите на Главниот штаб во текот на денот. „Пинцгауери“ ќе бидат распоредени на три локации. Едно возило помеѓу селата Крапа и Локвица во Македонски Брод и две возила кај Иванковци“ вели Надица Вчкова, ЦУК.
Надлежните испитуваат дали вчерашниот пожар во атарот на селото Мршевци настанал поради контакт од жици како што тврдат мештаните како и за пожари во кумановскиот и струшкиот регион.
Рокот за пријавување на доброволци е продолжен за уште пет дена а од ДЗС нагласуваат дека апликантите мораат да бидат пријавени во агенцијата за вработување како баратели на работа.
„Еден од основите услови е лицата кои се пријавуваат да бидат регистрирани како активни баратели на работа. Машата намера е лицата кои ќе се пријават, да добијат униформа и опрема, да поминат неколку дневна обука и оние кои ги исполнуваат основните услови да бидат вклучени во полесни пожари и во гасење на тревни површини. Оние кои понатаму кои ќе се покажат како поподготвени ќе имаат можност да бидат вработени во локалните противпожарни територијални единици. Овие единици на тој начин ќе добијат селектирани лица кои минале обука и имаат искуство. Од најдобрите од нив, особени во скопскиот регион ќе ги одбереме лица кои ќе станат дел од новата специјална единица на ДЗС кој е во фаза на формирање“ изјави Стојанче Ангелов, директор на ДЗС.
Ангелов е дециден дека модифицираните возила, оклопните транспортери и пинцгауерите се покажале одлично во справувањето во шумските пожари и не ја исклучува можноста за модификација на дополнителни возила.
Огнен Чанчаревиќ











