Македонија и во наредниот период останува зависна од јаглен во производството на електрична енергија. Зелената транзиција и замената на дотраените електрани со обновливи извори на енергија е долготраен и скап процес. Од РЕК Битола велат дека се свесни за обврските што ги имаат кон граѓаните за чист воздух, како и за усогласување со директивите на ЕУ, а зелената агенда ќе се спроведува постепено, без економски и социјални потреси. Во меѓувреме термоелектраната и натаму ќе работи на јаглен, но најавуваат модернизација на постројките за да се намали притисокот врз животната енергија.
„Кога зборуваме за зелена транзиција, тоа не значи само откажување од јагленот како основен ресурс за производство на електрична енергија, туку подразбира цел еден процес во прилагодување на енергетската транзиција. Мораме да имаме предвид дека станува збор за комбинат стар над четири децении. Токму затоа, целта ни е модернизација на комбинатот во техничка смисла, со што ќе има намалување на загадувањето“, вели Тони Анеглевски од Секторот за инвестиции, развој и проектирање во РЕК Битола.
Зависноста на земјава од јаглен е нотирана и во последниот извештај на Европската комисија (ЕК) во поглавјето Енергетика. Се нaведува дека беше подготвен Инвестициски план за забрзана транзиција на јаглен во рамките на Програма на Фондот за климатски инвестиции, но се чека на имплементацијата.
„Што се однесува до безбедноста на снабдувањето, земјата останува значително зависна од јаглен. И двете термоелектрани, Битола и Осломеј Кичево продолжуваат да работат на јаглен од ограничени домашни ресурси и увоз“, нотирано е во извештајот на Европската комисија за 2024 година.
Од невладиниот сектор велат дека што побрзо се случи зелената транзиција, тоа подобро за граѓаните кои заслужуваат здрава животна средина.
„Има поставено цели, крајни рокови, но нивното исполнување зависи од нашите институции, од сите чинители, од енергетските комбинати кога ќе можат таа транзиција да ја спроведат. Што побрзо, тоа подобро, затоа што здравјето на луѓето и квалитетот на живот зависи од тоа“, вели Жарко Конески од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко свест“.
Од синдикатот на РЕК Битола велат дека транзицијата мора да биде не само енергетска, туку и праведна, а нивниот приоритет ќе биде ниту еден работник да не остане без работа. Трибината „Праведна и зелена транзиција во Битола“ ја организираше битолскиот МКЦ.
Емилија Мисирлиевски











