Трет ден по ред летаат навреди и обвинувања преку источната граница, но никој нема намера да се извини. Напротив, бараат извинување од другата страна. Откако бугарскиот министер за надворешни работи го нарече Мицкоски северномакедонски премиер, а тој му врати дека е момче кое настапува како глушец кој задева лав, денеска се јави и бугарскиот премиер. Бара извинување од Мицкоски и оценува дека добрососедските односи се кревки.
- „Наративот и изразот на премиерот Христијан Мицкоски ќе им бидат оставени на познавачите на Езоп. Нашата принципиелна позиција е дека РС Македонија мора да се придржува до консензусот постигнат во 2022 година и да ги исполни преземените обврски. Вие наете дека и во Бугарија многу луѓе во Бугарија не се задоволни од постигнатиот компромис во 2022, но политичката зрелост бара да се спроведе она што е договорено. Колегата Мицкоски треба да најде начин да се извини “, рече бугарскиот премиер, Румен Жељасков.
Од владејачката партија,пак, излегоа со констатација дека гласањето на Извештајот во Европскиот Парламент ги извадило на виделина бугарските вистински намери.
- Бришењето на јазикот и идентитетот од Извештајот на ЕП се доказ дека на Бугарија никогаш не и било до Бугари во Устав.Сосема спротивно, тоа е само алатка за целосна негација на државата.ВМРО-ДПМНЕ упатува порака, дека нема да се помрдне ниту милиметар без да имаме почитување од страна на Бугарија, и гаранции од европските институции, истакна Драган Ковачки од ВМРО ДПМНЕ.
Остри пораки деновиве си испратија и двете министерства за надворешни работи кои се обвинија меѓусебно за кршење на елементарните норми на дипломатскиот и политички дијалог.
Далиборка Демјанска











