Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Огнот над гребенот на Јасен под контрола, под патот често се засилува – сериозно е кај Јажинце, затворен граничниот премин

/

пред 433 дена

Сподели преку :

Јасен и Јажинце се двете клучни точки каде се фокусирани напорите на екипите на терен и во воздух за да се изгаснат пожарите кои беснеат веќе неколку дена. На двете локации огнот е влезен во шума, а густиот чад во поголемиот дел од денот ја отежнува и оневозможува употребата на хеликоптерите и Ер тракторите.

Во „Јасен“ утрово специјалните сили на армијата, заедно со екипи на „Национални шуми“, ДЗС, Јасен и пожарникарите, успеале да воспостават контрола врз горната линија на пожарот, над патот кој води кон Македонски Брод. Меѓутоа вториот крак на пожарот кој е под патот сè уште не е под контрола и често се засилува поради силниот ветар.

„Успеаја да го стават под контрола пожарот на Јасен над гребенот кој нѝ задаваше голем главоболка, бидејќи се движеше кон значаен репетитор. Овде целата линија, дури на наше изненадување, е ставена под контрола. Една жестока битка со огнот, пешадиска, со напртњачи метли и пинцгауери. Долна страна од пожарот, под асфалтираниот пат, состојбата е многу лоша. Имаме силно горење кое со покачување на дневните температури се засилува и се создава густ чад кој оневозможува прегледност на хеликоптерите и авионите и поради тоа не може да дејствуваат“, изјави Стојанче Ангелов, раководител на Кризен штаб.

Планот на тимовите во „Јасен“ е да направат засек и да го свртат огнот кон терен каде што нема шума.

„Нашата стратегија е да го сочекаме кај еден колски шумски пат каде имаме можност да го успориме и да го ставиме под контрола и таму следи еден гребен каде воопшто нема шума, карпест терен и таму имаме големи шанси да го стопираме“, додава Ангелов.

Вториот голем пожар е кај Јажинце, каде што утрово доби на интензитет поради силниот ветер и сувата вегетација, а сообраќајот на патот кон граничниот премин е запрен. Овој пожар почна кај селото Свиларе и се префрли во тетовскиот крај.

„Утрово бев на лице место, водевме жестока битка за да ги заштитиме репетиторите на МВР и на приватни телевизии. Во тоа успеавме, но се соочивме со многу тешка ситуација. Се најдовме во огнен обрач од сите страни. Успеавме да се извлечеме и да ги заштитиме антените. Овој пожар сега е во борова шума. Гори со силен пламен, создава висока температура и голем чад“, информира Ангелов.

Надлежните сметаат дека овој пожар може да го стават под контрола до крајот на денот, бидејќи се поставени тимови на земја на стратешки позиции за да може да го пресечат ширењето.

Последниот активен пожар е во Општина Долнени кој, исто така, е на непристапен терен.

Ангелов нагласи дека анализите на локациите каде избувнуваат пожарите укажува дека голем дел од нив се намерно предизвикани односно подметнати. Вчера МВР приведе две лица во Куманово и Тетово кои се осомничени дека предизвикале пожари.

Огнен Чанчаревиќ