По големиот пожар што на 9ти јули избувна во скопско Визбегово, кога Скопје беше обвиено во чад и пепел, обвинителството покрена кривична постапка против сопствениците на депонијата во населбата. Кривична заработи и компанијата со седиште во Шуто Оризари.. Нелегално складирале опасни материјали. Обвинителството соопшти дека штетните гасови и чадот предизвикале опасност по животот на населението во околината. Армијата преку единицата за атомска биолошка и хемиска одбрана потврди дека има зголемено ниво на загадување во воздухот.
,,По преземените дејствија по наредба на јавен обвинител, полицијата денеска поднесе кривична пријава против сопственичката и неформалниот сопственик на правното лице од Шуто Оризари. Тие подолг временски период, спротивно на законските одредби од Законот за управување со отпад и спротивно на прописите за заштита на животната средина, складирале поголемо количество отпадно железо, електронски отпад, делови од стари автомобили, шасии од стари отпадни возила и друго на локација за која немале соодветна дозвола за управување со отпад.’’ – велат од ОЈО.
Полицијата и инспекциските служби веќе презедоа мерки, вклучувајќи обезбедување документи и извршување вонреден инспекциски надзор.
,,Сопствениците во временски период од најмалку шест месеци, спротивно на законските одредби од чл.64 од Законот за управување со отпад и без да поседуваат дозвола за управување на отпад на предметните парцели складирале и транспортирале отпаден материјал ‘’ – се вели во соопштението на МВР.
Пожарот кој започна утрото на 9 јули околу 8 часот предизвика густ и црн чад кој се ширеше низ Скопје. Противпожарните екипи делуваа од терен , а ер трактор гаснеше од воздух.
Марија Коцева











