Кобна новогодишна ноќ на швајцарските Алпи. Околку 40 загинаа, а 115 се повредени по пожарот во барот Le Constellation, во познатиот ски центар Кран-Монтана. 19-годишниот Натан Хугенин го опишува кошмарот низ кој поминал и како пред очи видел изгорени тела.
- „Сè уште сум во шок. Не можам да сфатам што се случи. Чувствувам како да е всушност кошмар, дека ќе се разбудам. А синоќа, не спиев ни секунда, не можев, ги затворив очите и сè ми се враќаше бидејќи видов луѓе како се реанимираат. Видов луѓе како се целосно изгорени. Видов луѓе како умираат. Искрено, беше доста комплицирано и доста тешко за поднесување“ – вели 19-годишниот Натан Хугенин, кој бил во барот.

Жители на Кран – Монтана велат дека ова е место каде излегуваат пред се млади луѓе на тинејџерски години. Кои во паника, синоќа, се обидувале да го напуштата објектот зафатен од огнот.
- „Работата е што имаше многу луѓе на влезот кои се обидуваа да избегаат, а беше преполно и луѓето газеа по сите и се обидуваа да избегаат, и луѓе… Многу луѓе врескаа, се обидуваа да избегаат, а видов многу луѓе на подот и мислам дека овие луѓе беа мртви,“ рече очевидецот Самуел Рап.
- „Тоа се случи во три фази: првата фаза беше да се однесат луѓето од барот, втората фаза беше да се сместат во „1900“, кафулето веднаш до него, за да се затоплат, бидејќи термичкиот шок беше еден од главните проблеми, мислам“ – вели Доминик, жител на Кран-Монтана.
Швајцарски власти информираат дека во тек е идентификување на жртвите и информирање на семејствата на настраданите, не кријат дека за тоа е потребно време.

Според обвинителството прерано е да се утврди причината за пожарот, бидејќи експертите сè уште го истражуваат објектот.
- „Она што може да се каже денес е дека теоријата за експлозија поради напад веројатно може да се отфрли. Дефинирањето и специфицирањето на причините и околностите на овој трагичен настан е прерано да се направи денес“ – Фредерик Жислер, командант на полицијата во кантонот Вале.
Две француски државјанки кои биле во барот синоќа претпоставуваат дека пожарот настанал како резултат на свеќа од која се потпалил таванот, а целиот објект бил од дрво. Велат дека една од келнерките ставила „роденденски свеќи“ врз неколку шишиња шампањ, и ги кренала високо, по што пламнал целиот таван.
Возила на Брза помош и хеликоптери, кои од другите земји пристигнаа на помош, пренесуваа ранети во најблиските болници чии капацитети брзо се исполнија. Повикот за спас во полицијата пристигнал околу 1.30 часот по полноќ и многу брзо бил активиран црвениот аларм.
Експертите велат дека станува збор за т.н. појава „широко распространување на пожарот“, кој ослободува запаливи гасови.
Општината Вале го забрани новогодишниот огномет поради недостаток на врнежи од дожд во изминатиот месец и упати апел до локалното население за претпазливост за да избегне какви било несреќи што би можеле да бараат медицински ресурси кои веќе се преоптоварени.
Вале се наоѓа во срцето на Швајцарските Алпи, само 40 километри северно од Матерхорн, еден од најпознатите алпски врвови, и 130 километри јужно од Цирих.
Билјана Ставрова











