Веднаш излеговме со реакција во која јасно порачавме дека не поддржуваме таков начин на прослава кон било кого, а камоли кон жените, рече Масар Омерагиќ, претседател на Фудбалската федерација на Македонија, во денешната дебата во „Директно“ на Телма ТВ за прославата на фудбалерите на Вардар на шампионската титула со навредливи и вулгарни песни.
„Денеска поведовме постапка преку дисциплинскиот комесар. Какви ќе бидат санкциите и што ќе биде преземено, тоа секако ќе биде според дисциплинскиот правилник, бидејќи не може да излегуваме надвор од него“, реќе Омерагиќ.
Тој појасни дека дисциплинскиот правилник предвидува парична казна за такви ситуации.
„Поентата е дека ова не е нешто што е инцидентно случено. Ова е нешто што во фудбалот. генерално спортот, постои со децении, меѓутоа сето тоа сега многу полесно се појавува во јавност преку социјалните мрежи. И наназад 25 – 30 години постои борба против ваков начин на навивање, навреди. Фудбалската федерација во изминатата година и три-четири месеци има изречено неколку казни за таков вид на навивање. Почнавме со суспензија на стадионот во Тетово за непочитување на минутата молк за загинатите во Кочани, потоа навивачите на Вардар беа отстранети од натпревар во Струга за навредливо скандирање, имавме суспензија во Прилеп, па потоа Вардар беше суспендиран да игра без публика и парична казна од 5.000 евра. Но, сето тоа е малку подлабок проблем на кој сите заедно треба да поработиме, низ разговор, едуцирање да сфатиме дека покажување на емоцијата и прославувањето на победите, не треба да биде на начин со кој било кој ќе се навредува и било кој ќе се чувствува понижено“, додаде Омерагиќ.
С.Д.











