Светската популација ноќеска го надмина бројот од осум милијарди луѓе, соопштија Обединетите Нации (ОН), предупредувајќи дека регионите, кои веќе се соочуваат со недостиг на ресурси поради климатските промени, ги очекуваат уште потешкотии, пренесува „Ројтерс“.
Најголем дел од растот отпаѓа на земјите со средни економски приходи, главно во Азија, бидејќи ја зголемиле својата популација за околу 700 милиони луѓе од 2011 година.
Пробивањето на границата од осум милијарди луѓе на Земјата е „успех за човештвото, но и голем ризик за нашата иднина“, порача Џон Вилмот, директор на одделението за население при ОН.
Најновите прогнози на ОН се дека глобалната популација би можела да достигне околу 8,5 милијарди луѓе до 2030 година, потоа 9,7 милијарди до 2050 година и 10,4 милијарди во 2100 година.
Животен век во 2019 година достигна 72,8 години, што е зголемување за речиси девет години во однос на 1990 година. Се предвидува и натамошно намалување на смртноста што ќе доведе до просечен животен век од околу 77,2 години на глобално ниво во 2050 година.











