Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Опозицијата тврди дека има „вин-вин“ решение за одбрана на националните интереси – власта со сомнежи за искрените намери

/

пред 408 дена

Сподели преку :

Деблокада и предвидливост на европскиот пат на Македонија  – претседателот на опозициската СДСМ ја отворил оваа тема на средби со политичари во Франција. Филипче од Париз испрати порака дека е дојдено време за политичка зрелост и одговорност.

Во видео-обраќање тој не откри дали таму ја презентирал Резолуцијата со македонските „црвени линии“ кога станува збор за евроинтеграциите на државата, но посочи дека подготовката на истата е во завршна фаза, а решението е „вин-вин“ за државата и за граѓаните.

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз се сретнал со претставници на Генералниот секретаријат за европски прашања, француското Министерство за Европа и надворешни работи и пратеници од парламентот на Франција.

„Овде сум да го промовирам и бранам националниот интерес и позициите на Македонија, за да продолжи европскиот пат активно, со резултати и со визија. Со оваа Резолуција ќе понудиме национален механизам за справување со евентуални непринципиелни барања од Бугарија во текот на преговорите, ако тие на било кој начин излегуваат од преговарачката рамка, а се однесуваат на македонскиот јазик, култура, идентитет – како темелни вредности кои се веќе заштитени во повеќе европски документи и со самата рамка“, вели претседателот на СДСМ, Венко Филипче. 

Брз одговор стигна од владејачката партија. Од ВМРО-ДПМНЕ оценија дека е срамно лидерот на опозицијата да ги штити националните интереси, а изразија и сомнеж дека Резолуцијата која сѐ уште не е позната за јавноста, е само задоволување на бугарските барања.

„Дали тоа вин-вин решение е ние повторно да го менуваме Уставот, а другата страна да продолжи со нови барања? Дали во ова нивно вин-вин решение, има писмени гаранции дека ова е последното барање на Бугарија? Дали оваа резолуција на СДС и Филипче е во интерес на македонските граѓани или само задоволување на бугарските барања?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ. 

Претходно, премиерот Мицкоски во својот говор по повод Денот на независноста, кажа дека со нетрпение го очекува предлогот на СДСМ, за да види кои се „црвените линии“. Посочи и дека без разлика каква ќе биде понудата, тој нема да дозволи да има игри за прашања како што се идентитетот и европската иднина.

Петар Догов