Унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој е цврст поддржувач на политиките на американскиот претседател Доналд Трамп и кој се смета за најблизок сојузник на рускиот претседател Владимир Путин во Европа, одби да поддржи дел од изјавата на самитот во корист на Украина и тврди дека Европската унија е таа што се изолирала, а не неговата земја.
„Изолацијата е релевантна за Европската Унија. Европската Унија сега се изолираше од САД, се изолираше од Кина поради трговската војна и се изолираше од Русија поради политиката на санкции. Значи, ако некој е изолиран овде тоа е Европската Унија како таква, Унгарија има добар однос со сите три правци. Значи воопшто не сме изолирани“ изјави Виктор Орбан, унгарски премиер.
Тој, исто така, инсистираше на тоа дека Европа не може да троши повеќе за сопствената одбрана и безбедност и финансиски да и помогне на Украина.
За разлика од него сите 26 други лидери на ЕУ го одобрија ставот на блокот дека не може да има преговори за Украина без Украина и дека Европејците мора да бидат вклучени во какви било разговори што ја вклучуваат нивната безбедност.











