Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Отворањето на Уставот пречка за воведување на „уставна жалба“

/

пред 199 дена

Сподели преку :

Уставниот суд размислува за контурите на законот со кој би се вовел механизмот „уставна жалба“. За судот нема никакви дилеми дека тоа е потребно, власта пристапува претпазливо, а меѓународната заедница дава поддршка.

Претседателот на Уставен, Дарко Костадиновски, е на став дека уставната жалба е неопходен чекор за да им се овозможи на граѓаните да се обратат до судот кога веќе ќе ги исцрпат сите други правни средства.

Тој апелира и на длабоки реформи во институцијата што ја предводи и повика на целосно ослободување од сите влијанија.

„За мене никогаш не постоела дилема за потребата од воведување на уставната жалба, туку прашањето е кои права треба да добијат директна уставно-судска заштита. Политиката треба да ги тргне рацете од Уставниот суд односно од судството генерално. Уставниот суд има свои обврски што треба да ги исполни на тој пат: да делува натпартиски, надетнички, надверски, над било каква афилијација“, вели Дарко Костадиновски, претседател на Уставниот суд. 

На денешната тркалезна маса учествуваше и претседателот на Владата и порача дека очекува набргу да го види предлог-законот. Но, за Мицкоски, политичките услови за отворање на Уставот во моментов не се исполнети.

„Апсолутно се сложувам со носење на ваков специјален закон за Уставниот суд и апсолутно се согласувам со институтот уставна тужба, но исто така сакам да потенцирам дека најдобро е да се создадат услови похолистички за промена на Уставот, кога и тоа би било вклучено, за да не ја вознемириме и онака чувствителната јавност“, кажа премиерот Мицкоски. 

Пораката од евроамбасадорот Рокас е дека реформите во Уставниот суд се од суштинско значење за владеењето на правото, а со тоа и за приближување кон ЕУ.

„Уставниот суд не е само уште една институција во демократскиот систем. Тој е вистински чувар на Уставот и арбитер на законитоста, а пред сè заштитник на основните права и слободи на секој граѓанин. Неговиот авторитет, автономија, независност и отпорност се од суштинско значење, пред сè за владеењето на правото во државата, а потоа и за нејзиниот напредок кон членство во ЕУ“, кажа евроамбасадорот Михалис Рокас. 

Институционалниот дијалог и евентуалните уставни измени, како и законодавните реформи беа во фокусот на дебатата. Денешната тркалезна маса со наслов „Воведување на уставна жалба“ ја организираше Уставен суд заедно со Делегацијата на Европската унија.

Петар Догов