Во домот на обвинетиот Боре Видевски, во случајот со убиството на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски, била пронајдена ловна пушка, патрони и куршуми со калибар од 9 мм., а не бил пронајден пиштолот „Чешка зброевка“ за кој имал дозвола за носење и користење. Ова на денешното рочиште го наведе сведокот, кој беше повикан на барање на одбраната на првообвинетиот Љупчо Палевски Палчо. Полицискиот службеник од СВР Велес, кој бил дел од истрагата за пронаоѓање на тогаш исчезнатиот Жежовски сведочеше дека оружјето и муницијата е доброволно предадено од Јасминка Видевска за време на претресот.
„Не е нормално во истрага, луѓе да сомничиш за убиство, да не провериш дали имаат оружје, дали поседуваат легално оружје и да не им направиш парафинска ракавица. До ден денес тоа не е направено од обвинителството“, изјави Јовица Страшевски, адвокат на Палевски.
Одбраната на Палевски изведуваше докази и приложи уплатница во „Халк банка“ на денот кога е убиено девојчето во 11:44 часот и притоа бара од судот да обезбеди снимки од филијалата во периодот од 10 до 12 часот што беше прифатено.
„Едно е кога е извршена уплатата, друго е дали Палевски претходно бил внатре и чекал ред заедно со посочениот сведок. Тоа сакаме да го докажеме дека Палевски бил некаде и чекал некаде 20 минути или 40 минути не можам точно да ви потврдам, но Палевски бил таму и не можел на две места да биде во исто време“, изјави Страшевски.
Судијата Ивица Стефановски информираше дека сведокот Мартин Панчевски, кој го бараше одбраната на Палевски, бидејќи со него обвинетиот разговарал во банката, не е пронајден на дадената адреса, односно не постои такво лице и поканата е вратена.
Обвинителката Жаклина Крстевска Јосифовска дека критичното време на кое се однесува уплатницата воопшто не е во интерес на постапката.
„Од презентираните видео записи на ден 27.11 2023 година од „Сејф сити“ произлезе дека возилото Рено Кангу управувано од обвинетиот Љупчо Палевски во 10 часот се враќа во седиштето на политичката партија „Десна“, а времето на предметната уплатница е 11:44 часот“, рече обвинителката Жаклина Крстевска Јосифовска.
Инаку Ѓорчевска околу 07:20 часот беше грабната и ставена во багажот на Цитроенот во сопственост на Жежовски, а по околу еден час убиена, по што возилото беше запалено, а обвинетите потоа со Реното кангу се враќаат во „Десна“.
Марија Митевска











