Јавни прозивки до Јавното обвинителство од најголемите политички партии. И СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ очекуваат да се потврди нивната верзија за начинот на кој Блерим Рамадани од куќен притвор во Македонија стигнал дома во Косово.
СДСМ смета дека не се работи за бегство туку за организирано ослободување и пренесување преку граница од страна на високи функционери во МВР. Бараат Основното јавно обвинителство веднаш да реагира, министерот Тошковски да си поднесе оставка и да ги разреши сите инволвирани, почнувајќи од началникот на северната граница Наим Рамука, а премиерот Мицкоски да не ги штити.
-Како Мицкоски без истрага и без ниедна информација од МВР за тоа како избегал Рамадани, тврди дека СДСМ лаже? Ова не значи ништо друго освен негов очаен обид да го забошоти случајот. Сите индиции укажуваат дека реализацијата на оваа партиско-полициска шема за пуштање на Рамадани на Косово е политички договор кој Мицкоски морал да го исполни, рече портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
„СДСМ се плаши од Тошковски поради она што ќе следи оваа есен“, вели премиерот Мицкоски. Уверен е дека СДСМ лаже па и тој го повикува Јавното обвинителство да утврди што се случило. Власта се сомнева дека за се е виновен судијата Пајазит Пајазити, кој ефективниот притвор на Рамадани го заменил со притвор во куќата на негови роднини.
-Имаме институција! Дајте луѓе да ги институционализираме работите! Таа институција се вика Јавно обвинителство. Јавниот обвинител е избран од мнозинството на СДСМ и ДУИ, значи имаме доверба дека не е избран од ВМРО- ДПМНЕ. Еве, јас како претседател на Владата го повикувам да влезе и да ги расчисти сите овие работи, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Блерим Рамадани е поранешен војник на ОВК, за кого Интерпол има распишано потерница по барање на Србија заради воени злосторства. Уапсен е на косовско-македонската граница и одреден му е притвор, што потоа беше заменет со куќен притвор, од каде избега. Додека македонските институции се подготвуваат да испитуваат дали судијата направил пропуст, медиумите избројаа дека ова е трет случај Македонија да уапси косовски државјани по српски потерници – првите двајца беа ослободени а третиот избега.
Соња Николовска











