Пензионери од неколку градови утринава се собраа пред Владата за да изразат незадоволство од најавеното процентуално зголемување на пензиите во септември. Нивното барање е зголемувањето да биде линеарно, односно сите пензионери да добијат иста сума, а не процент од постојната пензија. Велат дека со ваквиот процентуален модел, само се продлабочува нееднаквоста меѓу пензионерите.
„Со процентуалното зголемување на пензиите, богатите стануваат уште побогати, а сиромашните уште посиромашни. Ние бараме целиот оној фонд што е, да се подели еднакво на сите и на оние што имаат 60.000 денари пензија и на оној што има 20.000 денари“, смета пензионер.
Тие укажуваат дека дел од нив едвај преживуваат со минималните примања.
„Лековите еве сега не можам да ги купам. Се разболев од нервози. Син ми и снаа ми не работат, куќата треба да ја одржуваме со минимална пензија од 20.000 денари. Со тие пари што попрво да купиме?“, прашува пензионерка.
„Принудени сме да дојдеме да бараме покачување. Стандардот е зголемен, цените се повисоки, а ние сме загрозени со финансиски средства“, објаснува друг пензионер.
Највозрасната група граѓани веќе доби две зголемувања по 2.500 денари, но есенското покачување повторно ќе биде процентуално. Таквата одлука беше објавена при донесување на ребалансот на буџетот, со кој се предвидува и зголемување на средствата за Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Планирано е таму дополнително да се инкасираат околу 40 милиони евра.
Пензионерите побараа средба со Владата на која би се нашло заедничко решение. Велат дека нема да се откажат од нивните барања се додека не се слушне нивниот глас.
Тамара Марковска











