Рускиот претседател Владимир Путин го разреши министерот за одбрана Сергеј Шојгу именувајќи го за секретар на рускиот Совет за безбедност. На функцијата, која ја извршуваше речиси 12 години, ќе го замени заменик премиерот Андреј Белоусов. „Рокадата“ која Путин ја направи не значи дека ја изгубил довербата во Шојгу, кој е еден од неговите најблиски соработници, но претставува потврда дека министерот не беше на висина на задачата во Украина.
Белоусов е економист по професија и за разлика од неговиот претходник има незначително воено искуство, но во неговото именување аналитичарите гледаат обид на Путин дополнително да ја насочи економијата кон војната.
- „Министерството за одбрана апсолутно треба да биде отворено за иновации, имплементација на прогресивни идеи и создавање услови за економска конкурентност. Затоа претседателот се одлучи за кандидатурата на Андреј Ремович Белоусов“ – Дмитри Песков – портпарол на Претседателот на Руската Федерација.
Смената доаѓа во период кога руската армија прв пат по подолг период се обидува да го прошири фронтот, започнувајќи офанзива во Харковскиот регион на северозападниот дел на Украина. Краткорочната цел на Русите е Вовчанск. Градот со денови е гранатиран и бомбардиран, а локалните власти веќе евакуираа голем дел од населението.
- „Мислам дека го уништуваат градот за да ги натераат луѓето да го напуштат, да се осигураат дека нема војска, дека нема никој, да создадат „сива зона“. Тие се нација која разорува, поради тоа нашата близина со Русија е голема опасност за нас“ – Тамаз Хамбарашвили – Шеф на воената администрација на Вовчанск.
Очигледно е дека Русија се обидува максимално да ја искористи ситуацијата која се создаде поради застојот на испораката на воена помош за Киев, заканувајќи се со продор кон Харков и во исто време приморувајќи ги Украинците да повлечат единици од Донбас за да ги спречат.
- „Нашата задача е очигледна, мораме да нанесеме колку што можеме повеќе загуби на окупаторот. Особено околу Вовчанск, ситуацијата е исклучително тешка. Градот е под постојан руски оган а нашата армија спроведува контранапади, за да му помогне на локалното население“ – Володимир Зеленски – Претседател на Украина.
Офанзивата во Харковскиот регион е остварување на најавата на Путин дека руската армија ќе создаде тампон зона за да се спречат украинските напади врз Белгород, но не е исклучена и можноста вториот најголем украински град Харков повторно да биде опсаден како во првите месеци на војната
Игор Трајков











