Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Победата на Трамп ќе нема голем ефект врз Западниот Балкан, ЕУ мора да стане важен играч на меѓународната сцена – безбедносна конференција во Белград

/

пред 685 дена

Сподели преку :

Од Белград за Телма

Срѓан Стојанчов

Победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД нема да има голем ефект врз Западниот Балкан, но може да ја натера Европската унија повеќе да се заангажира во регионот, па дури и да го забрза проширувањето. Ова беше една од поентите на дискусијата на тема: „Светот по американските и европските избори“ на првиот ден на Белградската безбедносна конференција.

„Се надевам дека еден од ефектите од доаѓањето на администрацијата на Трамп на власт ќе биде тоа што една или две нови членки, ако не и повеќе, ќе ѝ се придружат на Унијата и тоа ќе биде релевантно за регионот“, рече Федерика Могерини, директорка на Дипломатската академија на ЕУ.

Панелистите изразија загриженост од најавите за изолационистичка политика на Трамп и влечењето еднострани надворешнополитички потези и ја посочија кризата на лидерство во Европската унија. Сепак, оценија дека ова е вистинско време за ЕУ да вложи во својата стратешка независност и да стане важен играч на меѓународната сцена.

„Дали надворешната политика на ЕУ сè уште може да биде релевантна во светот? =- Одговорот е апсолутно да, но мора да почне да биде релевантна во Европа“, изјави Томас Кантримен, претседател на одборот на Асоцијацијата за контрола на оружјето.

Поранешната шефица на европската дипломатија и директорката на Дипломатската академија на ЕУ, Федерика Могерини вели дека досегашното искуство покажа дека ЕУ мора да биде на работ на катастрофа и дури кога ќе го сфати обемот на опасноста реагира заеднички, како Унија.

Како најголема опасност од доаѓањето на Трамп на власт во САД, таа ги посочи непочитувањето на правилата и напуштањето на демократските вредностите, што може да предизвика домино-ефект во други држави.

„Верувам дека тоа што претседателот на САД не само ќе го каже, туку и ќе го направи во врска со овие фундаментални вредности коишто нè држат заедно како трансатлантска заедница ќе има многу силно и разединувачко влијание во американското општество, но исто така потенцијално низ европските држави и ширум светот, во смисла на охрабрување помалку либерални пристапи, прекршување на човековите права или недостатоци или дупки во демократскиот систем“, изјави Могерини.

„Што да се очекува во Франција и пошироко во Европа е тоа што изборот на Доналд Трамп ќе создаде многу мали Трампови насекаде“, изјави Томас Гомарт, директор на Францускиот институт за меѓународни односи.

Панелистите се согласни дека ниту една држава во Европа не е доволно голема или моќна за самостојно да преговара со Трамп и затоа мора да настапуваат заеднички како Унија. Сличноста меѓу Путин и Трамп е во тоа што преферираат да преговараат со поединечни држави, а не со ЕУ.  Велат дека ќе има мал број на европски лидери кои ќе побрзаат на средба со Трамп за да издејствуваат подобра договор за себе, но оти тоа не е стратегија за ЕУ.