Илија Темелковски, еден од најпознатите македонски ракометни тренери кој сиот свој работен и животен век го посвети на ракометот, почина на 71 годинa, објави Ракометната федерација на Македонија (РФМ).
Темелковски беше селекторот со кој македонските младински репрезентации ги постигнаа своите најдобри резултати на европската сцена во 2002 година и на Светското првенство во 2017 година, а беше селектор и на едно од најдобрите Светски првенства на машката сениорска репрезентација во 2009 година.
Заслужен е за создавање на најуспешната генерација на македонски ракометари, спојувајќи ги Кире Лазаров, Наумче Мојсоски, Борко Ристовски, Влатко Темелков, Лазе Мајнов во тимот кој настапи на младинското ЕП во 2000 година во Атина. Ја предводеше Македонија и до четвртото место на младинското ЕП во Полска во 2002 година.
Темелковски подоцна ја презеде и сениорската репрезентација, која не само што ја врати на големите натпреварувања по долга пауза, туку и заврши на 11. место на Светското првенство 2009 во Хрватска, што беше вовед во континуитетот настапи кој трае до денес.
Како тренер, Темелковски најдолго работеше во Тинекс Пролет, а ги водеше и Еурофарм Пелистер и Струга.
Погребот на Темелковски е утре (14.10.2025) во 11:30 часот на Градските гробишта Бутел (капела).
Фото: rfm











