Почнува монтирањето на новиот топловод под мостот Беласица, соопшти ЕСМ. АД ЕСМ и ЕСМ дистрибуција на топлина денес ги започнаа активностите на терен за монтирање на новите цевки на топловодот под мостот Беласица. Поставувањето на топловодот ќе се спроведува во наредните месеци, со цел, комплетно да биде подготвен за ставање во функција во текот на претстојната грејна сезона, соопштија од компанијата.
Ова значи дека и оваа грејна сезона ќе почне без новите цевки кои изгореа во пожар пред повеќе од година и пол. Овој топловод е значаен затоа што низ него ќе може да се обезбедат поголеми количини од ТЕ-ТО, чија енергија е поевтина од топланите Исток и Запад. Додека се поставуваат цевките на топловодот, испораката ќе се врши преку функционалниот крак на примарниот топловод А, вклучувајќи ги и количините што ги испорачува ТЕ-ТО. Со тоа, и понатаму целосно ќе бидат задоволени потребите на потрошувачите на топлинска енергија, дури и во случај на ниски надворешни температури, велат од компанијата.
Инаку, доколку средната дневна температура е најмалку 12 степени Целзиусови, грејната сезона ќе почне порано. Ова денес го соопшти Регулаторната комисија за енергетика, потсетувајќи на правилата за снабдување со топлинска енергија. Грејната сезона започнува на 15 ти октомври и трае до 15 ти април. Од Регулаторна ги потсетуваат куќните совети да ги проверат внатрешните инсталации за да немаат проблеми со грењето.











