Вишото јавно обвинителство во Зајечар, Србија, поднесе обвинителен акт против Срѓан Јанковиќ и Дејан Драгијевиќ, поради сомнение дека во селото Бањско Поље кај Бор ја убиле двегодишната Данка Илиќ.
Обвинението е доставено до Вишиот суд, пренесуваат српските медиуми.
Двајцата се обвинети дека со автомобилот на комуналното претпријатие ЈКП „Водовод“ ја удриле девојката, а потоа ја задавеле и ѝ го сокриле телото на непозната локација.
Двегодишната Данка Илиќ од Бор исчезнала во Бањско поље каде била со мајка и и брат и.
Потрагата по неа траеше речиси десет дена, а во неа учествуваа припадници на српското Министерство за внатрешни работи, волонтери, Планинарска спасувачка служба и многу други, но од девојчето нема трага.
По десет дена, српскиот претседател Александар Вучиќ соопшти дека двајцата се уапсени и во полиција го признале делото.
Станува збор за Дејан Драгијевиќ и Срѓан Јанковиќ, работници на ЈКП „Водовод“, кои дежурале кобниот ден.
Според првичните изјави, двајцата со својот автомобил го удриле девојчето покрај патот, а потоа во бесвесна состојба ја ставиле во возилото и се оддалечиле.
Девојчето во еден момент се разбудило и почнало да плаче, а потоа еден од нив ја убил, а нејзиното тело било фрлено во депонија во близина на местото на исчезнување.
Понатамошната истрага утврдила дека Дејан Драгијевиќ по злосторството го префрлил телото на девојчето на неколку локации, но до ден денес не е пронајдено.
Иако првично го признаа делото, двајцата осомничени во обвинителството негираа дека сето тоа се случило и рекоа дека морале да признаат под притисок.
Тогашниот министер за внатрешни работи Братислав Гашиќ изјави дека двајцата паднале на полиграфскиот тест.











