Наместо да се модернизира како туристички центар, на Попова Шапка со години речиси и да нема инвестиции. Дури и дел од објектите кои некогаш биле изградени, денес не се функционални.
По отворањето на првиот планинарски дом пред точно 90 години, жичарниците, ски лифтовите, одморалишта се граделе во следните 50-тина години, а единствен новитет е шестоседот.
По повој јубијелот, Планинарскиот клуб „Љуботен“ потсети како се развивал центарот преку мултимедијална презентација, во рамки на одбележувањето на Денот на ослободувањето на Тетово, што ги натера присутните да се запрашаат, зошто сега Шапка пропаѓа.
- „Очигледно дека во некој одреден период смислата за развој на еден скијачки центар од страна на државата, на тогашните власти била многу поголема и очигледно дека тие во тој период тие тогашни власти имале слух за развој на туризmот“- изјави Јован Божиновски, претседател на ПК Љуботен.
Како учесник на скијачки натпревари, а потоа и дел од организацијата на Шарпланинскиот куп, Крсте Серафимовски, вели дека Попова Шапка веќе го нема истиот сјај од некогаш.
- „Назад 50тина година била како кошница од луѓе, скијачи од цела Југославија. Денес тоа го нема. Жалосно што така пропаѓа од година в година. И сите спортски објекти, хотели не се тие што биле некогаш. Секој објект што се отворал бил празник за народот и за Тетово“, изјави Крсте Серафимовски, спортски работник.
Попова Шапка и во летниот период може да привлекува многу посетители, ако се обноват планинарските домови, вели планинарот и алпинист Надир Мурсели.
- „Планинските домови како што се Јелак, на Лешница, на Попова Шапка, во моментот тие ни недостигаат и се надевам дека во некој следен период таквите места ќе можат да се обноват за да може да им што повеќе посетители на Попова Шапка. Посебно во летниот период. Во зимскиот период фали паркинг, жичарницата, угостителството треба повеќе да се развива“- изјави Надир Мурсели, член на ПК Љуботен.
Инфраструктурните проблеми на ски центарот се провлекуваат низ годините, како и нереализираните ветувања на властите за инвестиции за нејзин развој.
Годинава речиси на прагот на новата сезона се прави проверка на техничката исправност на скијачката инфраструктура на Попова Шапка. Од новото раководство најавија дека од двата државни хотели ќе работи само еден.
Данијела Билбилоска











