Обвинителството во Струга денеска поднесе ново обвинение против струшкиот градоначалник, Рамиз Мерко. Тој е обвинет дека во периодот од април 2021 до јуни 2022 година ја злоупотребил службената положба и склучил договор за поставување светлосна инсталација долж дел од речното корито на реката Црн Дрим, без да обезбеди потребна водостопанска согласност од Министерството за животна средина.
Проектот, според Обвинителството, негативно влијаел врз реката.
Мерко се товари дека го оштетил општинскиот буџет за повеќе од 100 илјади евра – сума исплатена на фирмата-изведувач од струшкото село Мислодежда.
- „Со тоа овозможил на избраната фирма-изведувач да постави светлосни тела во водите на реката во должина од по 900 метри од двете страни на коритото, иако обвинителството во текот на постапката презеде повеќе дејствија и обезбеди вештачење согласно кое таквата инсталација од 300 светлински арматури негативно влијаела на режимот на водите, морфологијата на водното тло и хидро-биолошкиот систем во реката,“ се наведува во соопштението на ЈОРМ.
Откако во 2023 година Мерко се најде на „црната листа“ на САД поради вмешаност во корупција, против него почнаа да се редат обвиненија.
Ова е десеттото, а за претходните девет во судовите во Струга и Битола се уште се водат постапки.
Досега има две неправосилни пресуди, во едната Мерко е ослободен од вина за набавката на службениот автомобил Ауди А4, а за незаконско назначување директори во четири струшки училишта доби парична казна од 10 илјади евра.
Во тек се и други судења, меѓу кои за поставување спомен-плоча на општинската зграда и за бесправна градба кај хотелот „Дрим“, предмет кој денес беше одложен во Основниот суд во Битола.
Емилија Мисирлиевски











