Пораките што Трамп ги испраќаше до гласачите овојпат беа далеку појасни, попрецизни и поедноставни од оние што се обиде да ги испрати потпретседателката Харис. Неколку прашања беа клучни. Покрај миграцијата и економијата, имаше одредени прашања на кои Харис не успеа да даде добар одговор, најмногу поради тоа што во изминатите четири години таа беше потпретседателка и секој нејзина најава, план дека нешто ќе промени, наидуваше на критиката „зошто тоа не го направивте во изминатите четири години, истакна Васко Наумовски, универзитетски професор и поранешен амбасадор во Вашингтон, во вечерашната „Топ тема“ на ТВ Телма.
„Самиот стил на кампањата, додека Доналд Трамп имаше поприроден настап, кај Харис се забележуваше поизрежиран настап и таа, за разлика од Трамп кој во најголем дел од кампањата настапуваше сам, во последните денови и недели имаше помош и од поранешниот претседател Обама, од неговата сопруга Мишел Обама, актуелниот сè уште претседател Бајден. Не ја донесе потребната свежина како во оние почетни недели кога беше промовирана имаше еден голем ентузијазам“, рече Наумовски.
Тој потенцира дека брзо запре ентузијазмот и дека гласачите беа, од една страна гневни на актуелната администрација на Демократската партија заради лошите резултати, а од друга страна имаа јасна споредба со првиот мандат на Трамп и тој успеа да направи еден добар резултат и во делови каде што немаа добар резултат на претходните избори.











