Поранешната претседателка на Антикорупциска Билјана Ивановска која најави кандидатура за градоначалничка на Центар утре ќе се појави во обвинителството, потврди таа за Телма. Ивановска ја одби понудата на обвинителката Бојковиќ доколку исказот го чувствува како некаква форма на притисок, да се одложи до завршување на изборите.
Ивановска во петокот информираше дека 11 часа откако објавила за кандидатурата полицајци и затропале на врата за да и врачат покана за распит во обвинителството. Јас немам што да кријам, имам чиста совест и не се плашам од никакви закани и ниски удари и притисоци, напиша тогаш Ивановска.
Од ОЈО Скопје рекоа дека постапувале по приватна кривична пријава од 18 февруари годинава, а поканата ја испратиле на 25 јули. Обвинителката Бојчевска одлучила поканата на Ивановска да и ја достави преку полиција, што според обвинителството, е честа пракса поради проблемите со редовната пошта.
Поканата во СВР Скопје стасала на 6 август а полицајците се обиделе да и ја врачат на 14 ти вечерта. Ивановска утре ќе се појави во обвинителството и ќе се информира од кого е и за што е пријавата.











