Интервенцијата на кочанските пожарникари во гаснењето на пожарот и спасувањето на младите лица во дискотеката „Пулс“ беше пожртвувана и храбра. Десетина дена по трагедијата и кај нив сѐ уште е присутен шокот од последиците што ги предизвика огнената стихија, иако во досегашното работење се соочувале со голем број слични предизвици.
Тројца пожарникари се здобија со изгореници и проблеми со дишните патишта, при што двајца се со полесни повреди, а поради вдишување отровен чад и телесни повреди командирот на ТППЕ-Кочани, Драган Апостолов заврши на Клиниката за токсикологија во Скопје.
Според последните информации, тој закрепнува и се чувствува добро, па се очекува идната недела да биде пуштен на домашно лекување. И покрај недоволниот број на пожарникари и дотраената опрема, ТППЕ-Кочани, заедно со колегите од Доброволното противпожарно друштво од Кочани и од Територијалните противпожарни единици од Виница, Штип, Пробиштип и Свети Николе интервенираа според можностите и спречија во катастрофата да има и други жртви и повредени.
Претседателот на Доброволното противпожарно друштво – Кочани, Златко Илијев оценува дека недостигот од основно познавање на населението за однесување при пожар е една од клучните причини за трагични последици. Според евиденцијата во ТППЕ-Кочани, од почетокот на оваа година, сѐ до последниот трагичен пожар, пожарникарите имале вкупно 58 интервенции, од шумски, полски и пожари на објекти до укажување помош во повеќе сообраќајни несреќи, во кои имало и две жртви.











