Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Пратениците не сакаат да се откажат од големите суми за патни трошоци – предлогот не стигна ниту на Дневен ред

/

пред 617 дена

Сподели преку :

Народните избраници „традиционално“ не сакаат да се откажат од привилегиите. Предлогот на Левица за ограничување на патните трошоци на пратениците не успеа да дојде ниту на Дневен ред.

Предложени беа измени на Законот за пратениците по скратена постапка, според кои патните трошоци би се пресметувале спрема пазарната цена на 6,5 литри на секои изминати 100 километри.

Низ годините провејуваа бројни иницијативи и заложби „на хартија“ за намалување на сумите кои се одлеваат за наплата на патни трошоци, но ниту актуелниот парламентарен состав не даде зелено светло за промена на праксата.

  • „Народот знае дека ги манипулираат трошоците и во ментална гимнастика пробуваат да го наметнат тоа како неопходно и нужно за работата на пратениците. Сметаме дека јавноста веќе долго го артикулира овој проблем и директно влијае по достоинството на Собранието, достоинството на сите пратеници и довербата во институциите во политичкиот систем“, кажа Амар Мециновиќ, пратеник од Левица. 

Откако се најде на удар на опозицијата, дел од мнозинството се брани со ставот дека не поддржуваат иницијативи коишто ги оценуваат како популистички. Патни трошоци не користеле ниту планирале да користат.

„Само еден колега од пратеничката група за седум месеци има приближно добиено 30 илјади денари по сите основи – гориво, патарини и амортизација, што претставува помалку од направените реални трошоци за превоз од и до Собранието. Ќе ги игнорираме сите предлози чија единствена цел е популизам и креирање театар на секоја тема“, вели Даниела Белимова, пратеничка од ЗНАМ. 

Социјалдемократите во Собранието гласаа „за“ за Иницијативата на Левица. Ги прозиваат ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и коалицијата Вреди дека си го покажуваат вистинското лице, а нудат и друго решение преку законски измени.

  • „СДСМ смета дека се потребни дополнителни законски измени кои ќе предвидат воведување механизам за поголеми казни за можни злоупотреби на патните трошоци и воведување на ограничување со кое пратениците кои имаат станови во Скопје нема да имаат основа за наплата на патни трошоци“, се вели во дел од соопштението на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. 

Наплатата на патните трошоци секоја година „цеди“ милиони од собранискиот Буџет.

Според една анализа на Антикорупциска објавена пред пет години, од 2015 до 2019 година биле потрошени речиси три милиони евра за оваа ставка.

Петар Догов