Премиерот ја отфрла можноста за предизборно коалицирање во одредени општини со СДСМ. По изјавата на опозицискиот лидер во синоќешното телевизиско интервју, дека е отворен за сите коалициски комбинаторики што ќе донесат бенефит за граѓаните, Мицкоски вели дека Филипче е веќе во коалиција, но со други партии.
Мицкоски очекува општествена поддршка за кандидатите за градоначалници од владејачката коалиција. Прашан за можните кандидати за градоначалници за градот Скопје, Златко Перински и Орце Ѓеоргиевски, рече дека, лично не му кажале дали се заинтересирани за функцијата, но ќе ги вклучи во внатре-партиските анкети поради интересот на јавноста.
Од СДСМ, пак, кандидатот за градоначалник на Скопје ќе го објават кон крајот на април. Во моментов се прави селекција на кандидати кои ќе се најдат на внатре-партиската анкета, а за секоја општина ќе прават различна стратегија во коалицирањето. Може да поддржат и независни кандидати , со цел да обединат што повеќе гласачи.
Филипче тврди дека, немале понуда од ДУИ за соработка, но таа коалиција во изминатите години им донела намален број на гласови и оттаму, тоа е научена лекција.
Интегративците, пак, веќе најавуваат можен бојкот на локалните избори, што според вицепремиерот Меџити, ќе им донесе штета само ним.
Ахмети деновиве се закани дека нема да дозволат да се постават кутии за гласање на локалните избори доколку Уставниот суд расправа за законот за употреба на јазиците.
Далиборка Демјанска Цветановска











