Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Престана дождот во БиХ, штетите од поплавите сè повидливи – официјално потврдени 13 мртви, бројката не е конечна

/

пред 746 дена

Сподели преку :

Пустош низ улиците и домовите, пепел во душите. Поплавите во БиХ завија многу семејства во црно. Незапирливиот налет на водата однесе се што стекнале и имале во животот. Една од нив е Алка Гусиќ од селото Долна Јабланица, едно од најтешко погодените подрачја во централна и јужна Босна и Херцеговина, која низ солзи раскажува за стравичната сила на природата. Остана сама, ги загуби најблиските со кои делеше и добро и лошо досега – братот, снаата и двете внучиња.

Мештаните на Долна Јабланица во шок. Велат не паметат таква природна катастрофа, толку силна што драстично го измени нивниот роден крај. Поплавени домови, уништена инфраструктура, како последица на обилните дождови кои предизвикаа големи водни наноси, одрони, а активираа и бројни свлечишта.

Бројот на жртви утрово во 10 часот беше ревидиран на 13 од вчерашните 16, бидејќи, како што истакна портпаролот на владата на херцеговинско-неретвинската жупанија, Дарко Јука на прес-конференција претпладнево, дел од жртвите биле двапати евидентирани. Меѓу настраданите и трудница врз која паднало дрво, а сè уште се трага по многумина.

Водата во Јабланица полека се повлекува. ситуацијата на поплавените подрачја во БиХ од утрово се подобрува и штетите стануваат сè повидливи. Дожд врнеше и во текот на ноќта, но престана во раните утрински часови. Големи штети се забележани и во селата Глогошница и Шабанци, меѓутоа луѓето, за среќа, успеале навреме да се извлечат и да се сместат на безбедно во текот на ноќта. Над 80 отсто од трафостаниците во подрачјето на Јабланица се надвор од функција.

Тимови на цивилната заштита и Оружените сили на БиХ од утрово се излезени на терен, во погон е ставена и механизација. Се трага по исчезнатите, се откопуваат урнатини под кои има сомнеж за заглавени луѓе.

Сашко Димовски