Филип Андов Сокол, поранешниот директор на затворот во Шуто Оризари, и седум затворски чувари и надзорници ќе седнат на обвинителна клупа, откако Кривичниот суд го прифати обвинението. Тие се гонат дека на петмина осуденици им овозможиле слободно да се шетаат, иако тоа не им следувало, согласно судските пресуди. Истрагата беше отворена во февруари годинава од страна на Обвинителството за гонење на органзииран криминал и корупција, а стануваше збор за осуденици кои биле од висок безбедносен ризик.
Во период од март до јули во 2024 година не само што биле незаконски пуштани, туку тоа било и на сметка на државата. Осуденици од затвор се спроведуваат единствено до суд, до здравствена установа или до друг орган. Но, петмината осуденици доставувале молба до Андов кој со факсимил или потпис одобрувал повремено да го напуштат затворот. Потоа затворските полицајци, користејќи службени возила и службено гориво, ги носеле осудените до определените места, ослободувајќи ги да извршуваат приватни работи, а по 8 до 10 часа ги враќале назад во затворот. Андов на дел од осомничените затворски полицајци им одобрувал прекувремени работни часови. Тие предизвикале штета на Буџетот за сметка на мала имотна корист.
Меѓу повластените осуденици, како што објави Телма, бил и Муса Џавит кој има дебело досие. Лани, откако ја издржал казната за нелегално поседување на оружје, бил пуштен од затвор, по што учествувал во убиство извршено минатата година во Батинци. Ова убиство е всушност едно од седумте убиства нарачани од криминалната група Беланоца и беше расветлено во изминатиот период, а во тек е и судењето за случајот. Претходно бил осомничен и за обид за убиство.
Додека беше во бегство и се бараше со потерница одзема уште еден живот, повторно во селото Батинци. Џавит е осомничен дека во јули го застрела 50-годишниот припадник на АРМ заради лична нетрпеливост. Полицијата соопшти дека Џавит ја принудувал ќерката на убиениот да се омажи за него и кога го дознал конечното „не“, ги начекал двајцата и го застрелал таткото.
Андов и двајца полициски службеници како соизвршители се гонат за „Злоупотреба на службена положба и овластување“. Шест полициски службеници се товарат и за „Несовесно работење во службата“. Против две лица кои иста така беа под истрага беше отфрлен случајот поради немање на докази.
Марија Митевска











