Свирежот на полцијата и поставените конуси го означија стартот на денешниот протест, а проблемот со јавниот превоз ги извади на улица жителите на скопско Усје.
Се чека со часови, се пешачи и по неколку километри, а се влегува и во преполни автобуси. Граѓаните преку блокирани булевари се обидоа да апелираат до надлежните со какви маки секојдневно се соочуваат.
ЈСП сообраќа со недоволен број на автобуси, а речиси две недели приватните превозници возат делумно затоа што чекаат зголемување на цената на изминат километар.
Денеска Управниот одбор имаше состанок, а според информации на Телма до нив не бил доставен конкретен предлог за покачување на цената, па затоа одлучиле да достават мислење до советот дека тој е надлежен за овој проблем.
Повеќе информации најавија во текот на утрешниот ден. Останува нејасно дали на следната седница на совет ова барање на приватниците ќе се најде пред советниците и ќе биде изгласано, а со тоа и решен проблемот на скопјани.
Симона Петровска











