Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Пропадна обидот на САД да ја потопи европско-украинската резолуција за војната

/

пред 602 дена

Сподели преку :

Обидот на САД да ја спречат предлог резолуцијата на европските земји и Украина, со која се одбележува тригодишнината од руската инвазија и почетокот на војната, не успеа.

Не само што поднесоа сопствена резолуција, која беше коспонзорирана и од Македонија, и во која согласно последното преориентирање на американските позиции во поглед на војната во Украина, не беше спомната одговорноста на Русија во започнувањето на војната, туку САД вршеа и притисок врз повеќето земји да ги повлечат своите коспонзорства на европската резолуција или да гласаат против неа.

На крајот, изгласани беа и двете резолуции, но дипломатската победа ја однесоа европските земји и Украина, не само поради тоа што беше изгласана нивната резолуција, туку и поради тоа што ја саботираа американската, издејствувајќи измени да биде додаден текст со кој се повикува на итно повлекување на руската армија од Украина.

Американците се спротивставија на измените на нивната резолуција, тврдејќи дека остриот јазик кој се користи во нив ќе му наштети на мировниот процес уште на самиот почеток.

Овие амандмани бараат војната на зборови наместо крај на војната. Обидот да се додаде овој јазик му наштетува на тоа што се обидуваме да постигнеме со оваа резолуција ориентирана кон иднината, рече американската заменик амбасадорка во ООН Дороти Шеј.

На крајот, САД ѝ се приклучија на Русија гласајќи против европско-украинската резолуција, додека пак за сопствената гласаа воздржано. Воздржано за двете резолуции гласаше и Македонија.

ако и двете резолуции беа изгласани од Генералното Собрание, и Европејците и Украинците прикажаа подготвеност да им се спротивстават на САД, сепак промената во американската политика резултираше со значително намалена поддршка за Украина.

Ако претходните резолуции за Украина се усвојуваа со мнозинство од над 140 земји, поддршката за оваа беше за една третина помала, а бројот на воздржани земји удвоен.

Начинот на кој одговараме на руската агресија денес, начинот на кој одговараме на руските злосторства и криминали, начинот на кој одговараме на агресијата како алатка за државно уредување нема да ја дефинира само иднината на Украина и на Европа. Ќе ја дефинира нашата заедничка иднина, иднината на целиот демократски свет и иднината на Обединетите нации. Подготвени ли сме да ја почитуваме Повелбата на Обединетите нации? Дали сме подготвени да го заштитиме суверенитетот и територијалниот интегритет на државите?, рече украинската заменик министерка за надворешни работи Маријана Бетса.

Иако како и сите претходни и овие две резолуции на Генералното Собрание на ООН нема да имаат директно влијание врз војната помеѓу Русија и Украина, сепак тие го нагласија јазот кој се отвори помеѓу Европа и САД откако администрацијата на Трамп стапи на функција.

Американското флертување со Русија и нападната реторика на Трамп и неговите најблиски соработници кон Европа, ги оттурнаа Европејците и Украинците, принудувајќи ги да почнат да размислуваат за иднина во која Америка повеќе нема да биде безусловниот сојузник на западните демократии.

Игор Трајков