Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Протестите во Иран не запираат – теократскиот режим се закани со одмазда доколку САД интервенираат

/

пред 274 дена

Сподели преку :

 Нестабилноста и безредијата во Иран продолжуваат. Протестите низ целата држава не запираат и покрај сѐ поголемото насилство од страна на режимските сили и информациите за над 100 убиени и голем број повредени и уапсени демонстранти.

Демонстрантите и во текот на минатата ноќ повторно излегоа на улиците во Техеран, Машад и другите градови во Иран, иако јавниот обвинител на Иран се закани дека секој човек кој ќе протестира ќе се смета за „непријател на Господ“- кривично дело кое во исламската република се казнува со смртна казна.

Протестите започнаа заради растечката инфлација во државата и се потешката економска состојба и се проширија во 100 градови и поголеми населени места во сите региони во Иран.

По жестокиот одговор од режимските сили, демонстрантите се погласно повикуваат и на крај на теократскиот режим и неограничената власт на врховниот верски лидер, 86-годишниот Ајатолах Али Хамнеи.

Тој ги обвини демонстрантите дека се најобични вандали, кои работат во интерес на американскиот претседател, Доналд Трамп а спикерот на иранскиот парламент, денеска и се закани со жестока одмазда доколку Соединетите држави го нападнат Иран.

„Имам и порака до заблудениот американски претседател. Внимавајте дека советот кој ви го даваме да не го напаѓате Иран, не е од ист вид, како консултациите по кои тврдевте дека градот Машад паднал. Затоа, за да не правите грешки, ве предупредуваме дека доколку преземете акција и го нападнете Иран, во исто време и окупираните територии (Израел) и сите воени центри, бази и бродови на САД во регионот, ние ќе ги сметаме за легитимни цели“ – се закани Мохамед Багер Калибаф, спикер на иранскиот парламент.

Трамп уште пред неколку дена најави дека САД ќе го нападнат Иран „многу силно“, доколку властите започнат да ги убиваат граѓаните кои протестираат.

Неофицијално, повеќе агенции за човекови права тврдат дека само во две болници во Техеран, во последните два дена, биле донесени безживотните тела на повеќе од 100 убиени демонстранти.

Слични информации за убиени и ранети демонстранти има и во другите ирански градови, иако во моментов за сите светски новински агенции е многу тешко да пренесат најточни информации за состојбата во исламската република, бидејќи не можат да известуваат од Иран а власта спроведува и над 60-часовна целосна блокада на интернетот и телефонските линии.

„Знаете, активистите велат дека најмалку 116 луѓе се убиени досега а повеќе од 2000 се уапсени од властите. Видео снимките покажуваат протести во Техеран, како и во Машад, вториот град по големина во Иран, во текот на минатата ноќ. И останува нејасно што ќе биде факторот кој би го присилил Трамп да реагира со воена сила. Тој продолжи да се заканува во текот на минатите денови, додека Иран го блокираше пристапот до интернетот, ги блокираше и телефонските  линии и продолжува да се судира со демонстрантите“ – вели Џон Гамбрел од Асосијејтед Прес.

Американскиот претседател и синоќа, на својата социјална мрежа Truth Social, напиша дека Иран како никогаш досега бара слобода а САД се подготвени да помогнат.

Според информациите на Њујорк Тајмс и Вол Стрит Џурнал, американскиот претседател веќе бил брифиран за ситуацијата во иран и потенцијалните опции за американска реакција, но сепак станува збор за прелиминарни разговори.

Минатата година, САД се приклучија на Израелските напади во Иран против нуклеарните  капацитети на државата.

Никола Илиевски