Французите гласаат на, можеби, најзначајните избори во последните неколку децении. Екстремната десница се надева на историска прва победа на избори во Франција, откако во првиот круг освои нешто повеќе од 33 проценти од гласовите.
Националниот фронт тогаш беше на пат да освои апсолутно мнозинство во Парламентот, но последната анкета објавена во петокот посочува дека тоа нема да се случи, предвидувајќи му на Националниот фронт освојување на најмногу 210 пратеници, далеку помалку од потребните 289.
Соработката помеѓу останатите два од трите најголеми политички блока во земјата, ултралевичарскиот Нов Народен Фронт и Алијансата Заедно на претседателот Макрон има една цел, да го спречат Националниот фронт да дојде на власт, но немаат намера да формираат коалиција за да ја водат земјата.
Се прашувам како ќе успееме да формираме влада. Тоа ме загрижува во најголем дел, не знам дали ќе можат да гласаат за одлуки во Парламентот. Комплицирано е, вели 55 годишната парижанка валери додеман.
Политичките аналитичари сметаат дека Французите сакаа да го казнат претседателот Макрон во првиот круг, но пред вториот се исплашија дека земјата може да ја добие првата крајно десничарска влада по колаборационистичкиот Виши режим во Втората Светска Војна.
Во меѓувреме и политичките опоненти на Националниот фронт се договорија да ги повлечат своите кандидати за сметка на оние кои имаат поголеми шанси против кандидатите на крајната десница.
Дури 217 кандидати за пратеници се повлекоа пред вториот круг, меѓу кои 130 од ултралевичарскиот Нов Народен фронт и 81 од Алијансата Заедно на Макрон.
Поради тоа, гласачите во земјата стравуваат дека по денешните избори, политичката ситуација дополнително ќе се комплицира.
Да, може да има нестабилност, има повеќе сценарија кои може да се остварат после изборите. Најголемото прашање е каква ќе биде владата. Дали вечерва ќе се појави мнозинство за да фомира влада, и каква влада ќе предложи Емануел Макрон. Дали тоа ќе биде техничка влада или влада на некаква коалиција помеѓу политичките партии. Тоа нѐ загрижува, вели пиер лубин од париз.
Голема е веројатноста Националниот фронт да освои најмногу пратенички места, но нема да може да формира влада, прво затоа што нема да го добие потребното мнозинство, а второ затоа што никој од останатите не сака да соработува со нив.
Всушност, тоа што ги загрижува како познавачите, така и обичните граѓани, е што во оваа ситуација во француската политика никој со никого не сака да соработува, а нови избори според француските закони не можат да бидат распишани во следните 12 месеци.
Цела година ништо нема да се случува, ќе има демонстрации насекаде и се ќе искршат. Тоа ќе се случи, рече Додеман.
Изборите ќе резултираат со парламент во кој многу тешко ќе поминуваат закони, ако прво некој и воопшто успее да формира влада.
Многумина во Франција, но и надвор од неа се прашуваат што мислеше дека ќе постигне претседателот Емануел Макрон кога одлучи да распише брзи избори по убедливиот пораз на европските пред еден месец.
Сметајќи најверојатно дека Французите повторно ќе го поддржат како на претседателските избори пред две години, кога во вториот круг ја порази лидерката на Националниот фронт Марин Ле Пен откако таа му водеше во првиот, Макрон го распушти парламентот, сметајќи дека гласачите ќе се одлучат за неговите кандидати, наместо за екстремистите од десницата и левицата.
Таа одлука веќе стана историска, прашањето кое денешните избори ќе го решат е дали ќе биде една од најдобрите политички проценки, или една од најлошите.
Игор Трајков











