Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Путин останува на челната позиција на Русија до 2030 година

/

пред 949 дена

Сподели преку :

За западните земји – псевдо-избори, за Кремљ – нова победа со којашто се цементира владеењето на старо-новиот руски претседател Владимир Путин којшто успеа да си обезбеди уште еден шестгодишен мандат за лидерската позиција на државата. На тридневните избори коишто завршија вчера, политичарот којшто владее со Кремљ повеќе од две децении освои речиси 88% од гласовите. Со петтиот мандат, Путин станува лидер со најдолг стаж по Јосиф Сталин на таа територија.

Аналитичарите очекуваат нов бран апсења и притвори на неистомислениците, но и нова рунда мобилизација за фронтот во Украина којшто останува меѓу приоритетите на Путин. Москва не ја исклучува можноста да се создаде безбедносна зона на границата.

„Со оглед на трагичните случувања, во одреден момент кога ќе сметаме дека е соодветно, ќе бидеме принудени да формираме одредена чиста зона на сегашните територии контролирани од режимот на Киев, да создадеме сигурна зона, а ќе биде многу тешко да се надмине употребата на оружјето што го користи непријателот, пред се, поради производството во странство“, изјави Путин.

Во изјава за новинарите во којашто за прв пат по многу години го изговори името на некогашниот најжесток критичар Навални, Путин потенцираше дека се согласил на размена на опозиционерот со одредени затворени лица, но договорот не бил реализиран поради неговата смрт во арктичкиот затвор.

„Неколку дена пред да почине господин Навални, одредени колеги, не од претседателската администрација, туку некои луѓе велеа дека постоела идеја за размена на господин Навални со некои луѓе кои биле во казнените установи во западните земји. Може и да ми верувате и да не ми верувате, но лицето кое ми зборуваше не ни успеа да ја заврши реченицата кога му реков: ‘Договорено’. Но, за жал, се случи тоа што се случи“, додаде Путин.

За повеќето жители на Москва, резултатот бил очекуван.

„Не очекуваме ништо, сѐ е во ред. Продолжуваме. Ништо нема да се промени. Продолжуваме по патот по којшто одиме така што сѐ ќе биде добро“, изјави жителка на Москва.

„Се надевам дека Путин ќе си ги оствари ветувањата и ќе ги спроведе во пракса. Долго време се обидува да го направи тоа. Јас гласав за него, па се надевам дека ќе може да ја извлече Русија од неповолната ситуација во којашто се наоѓаме. И се надевам дека специјалната воена операција ќе заврши со наша победа“, изјави жител на руската престолнина.

Според Европската Унија, гласањето не било ниту праведно ниту слободно, во процесот не постоела вистинска опозиција, а не биле ни вклучени меѓународни набљудувачи.

„Изборите во Русија беа избори без избор. Изборниот процес не само што го покажа злобниот однос на Путин кон сопствениот народ, туку и ја прекршува Повелбата на ОН. Одржувањето на т.н. избори во деловите од Украина, од Молдавија и Грузија е спротивно на меѓународниот закон“, порача германската министерка за надворешни работи Бербок.

Излезноста на териториите под руска окупација во Украина беше 77%.

Маја Стојаноска- Филдишев