Рускиот претседател Владимир Путин се согласи со идејата за прекин на огнот во Украина, но потенцираше дека e потребно дефинирање на прашања за тоа како ќе се одвива примирјето, и утврдувањето на дополнителни услови.
Портпаролот на Кремљ потврди дека американскиот пратеник за Блискиот Исток Стив Витков се сретнал со Путин и дека имало размена на информации од двете страни, но дека се уште не е утврдено кога ќе се одржи средбата помеѓу Трамп и рускиот претседател.
„Точното време на разговор меѓу двајцата претседатели се уште не е договорено. Но, во исто време, откако господинот Витков ќе му ги пренесе на шефот на државата сите информации добиени во Москва, тогаш ќе го одредиме времето на разговорот. Има разбирање од двете страни дека е потребен таков разговор“ изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.
Претседателот Зеленски изјави дека Путин „во суштина се подготвува да го одбие“ предлогот за прекин на огнот, додека американскиот претседател Трамп на својата платформа „Трутсоушл“ напиша дека договор треба да се заврши и потпише, потенцирајќи дека, ако тој бил претседател „немало да има ВОЈНА“.
Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека не е целосно изненаден од „очигледното отфрлање“ на предлогот за примирје од страна на Русија, и ги повика сојузниците да ги засилат напорите за притисок врз Москва, и да и понудат на Украина безбедносни гаранции.
Австралискиот премиер Ентони Албанесе рече дека ја прифатил поканата на Кир Стармер да присуствува на дискусијата со европските лидери и претседателот Зеленски за „мировна мисија“ во Украина.
„Ова може да заврши утре ако Владимир Путин стави крај на оваа незаконска и неморална инвазија и се врати во своите граници. Тоа е она што ние цврсто веруваме дека треба да се случи. Но, со оглед на храброста што ја покажа Володимир Зеленски, кој ќе зборува на форумот што ќе се одржи во сабота доцна вечер, во ова време тука, со нетрпение очекувам повторно да се состанам со претседателот Зеленски, но и со другите демократски лидери. Нема да навлегувам што ќе произлезе од тој состанок, но Австралија, се разбира, стои со Украина од почетокот на овој процес“ изјави Ентони Албанесе, австралиски премиер.
Белорускиот претседател Александар Лукашенко нагласи дека судбината на Европа и Украина зависи од одлуката на Русија дали сака да постигне договор со САД.
Теа Димковска











