Работна сила од Непал ќе спасува дел од пелагониските компании кои се соочуваат со недостиг на работници, но стопанствениците се жалат дека се соочуваат со сериозни пречки поради сложената регулатива за увоз на кадри. Излезот го гледаат и во автоматизација на погоните, затоа што велат драматично се намалува производството како последиците од масовното иселување.
- Ние конкретно имаме од Непал, требаше да бидат тука во октомври, се работи за 7 работнички. Но, доаѓаат во јануари, а тоа не успорува да ги планираме производствените процеси. Реперкусиите се негативни, одредени индустрии се повеќе имаат намален прилив на работа или порачаки од европските пазари поради тоа што купувачите знаат дека немаме човечки капацитет, вели Ирена Јакимовска, претседател на Регионалната стопанска комора Прилеп.
Преспанско пелагонискиот регион е запоставен и заборавен, велат од стопанските комори. Од некогашното учество од 22 проценти во бруто домашниот производ, денеска учествува само со 13 проценти. Производството на храна е преполовено, а стопанствениците покрај недостигот на работна сила, ваквата состојба ја лоцираат во лошата патна инфраструктура. Во Регионот нема автопат, ниту пак железница кон Грција и Солунското пристаниште.
- Тоа е последица поради што компаниите кои ги намалија своите производство. Пелагонија произведуваше 90 илјади тони пченица, сега спаднавме на 45. Имавме големи индустрии, ги немаме. Останаа индустрии кои се борат со капацитети, Имаме скап трнаспорт, не сме конкурентни, скап и долг транспорт, Европа ни е на прагот ние не можеме да се приклучиме на тој пат, вели Мирко Велковски претседател на Регионална стопанска комора Битола.
Во организација на регионалните стопански комори на Битола и Прилеп денска се одржа форум, на кој учествуваа стопанственици, експерти и носители на јавни политики, кои ги идентификуваа најголемите пречки за унапредување на економскиот и општествен развој на Преспанско Пелагонискиот регион.
Емилија Мисирлиевски











