Расипани автобуси се уште возат патници на меѓуградски линии во небезбедни услови,алармираат луѓето во дописи до нашата редакција. Чести се примерите кога патниците тргнати кон работните места треба да чекаат со часови за да дојде друго возило и да го продолжат патот.
Исто така и податоците на полицијата укажуваат на фактот дека се возат автобуси и друг вид возила за јавен превоз кои не се исправни. Тетовската сообраќајната полиција во периодот на изминатите 8 месеци од 1 јануари до 31 август во разни видови контроли, констатирале неисправности кај 95 возила од кои 53 од тетовскиот регион и 42 од гостиварскиот регион.
Кај една третина од нив неисправни биле уредите за сопирање и управување на возилата.
„Кај автобуси, минибуси, такси комбиња и такси возила, биле констатирани неисправности на уреди за кочење и за управување и тоа кај 30 возила (ТЕ-25 и ГВ-5) кои веднаш биле исклучени од сообраќај, при тоа биле поднесени и 35 (ТЕ-25 и ГВ-10) барања за поведување на прекршочна постапка за правните и одговорните лица“ – соопштуваат од СВР Тетово.
Ова се загрижувачки податоци вели, Тони Ласовски професор по предмети за сообраќај во Тетово, особено ако се знае дека страшна трагедија се случи поради неисправен автобус пред неколку години кај Ласкарци.
Технички неисправните возила освен директни учесници во сообраќајните несреќи и индиректно го попречуваат сообраќајот, пример ако остана неподвижни на автопат. Потсетува и дека несправните возила ја загадуваат животнат средина.
Ваквите возила не треба да се користат,апелира професорот.
„Како мерки кои што би придонеле да се намалат ваквите негативни појави пред себе спомнал позачестени контроли на сообраќајот на јавните патишта што се однесува до овие возила. Потоа, да има нулта толеранција према оние системи кои што се од битно значење за безбедноста во сообраќајот, како што се системот за сопирање, системот за управување, емисијата на штетни издувни гасови и т н. И зголемување на свеста, подигнување на свеста на јавноста преку едукативни програми за важноста на безбедноста во патниот сообраќај“ – вели професорот по сообраќајни предмети, Тони Ласовски.
Технички неисправен автобус беше причина за најголемата автобуската несреќа на превозникот Дурмо турс во 2019 година при што загинаа 16 патници, а скоро 40 беа повредени. За оваа несреќа шест луѓе се осудени на затворски казни.
Александар Самарџиев











