Истражните органи разоткрија шема на измами со лажни сообраќајни несреќи во Битола, преку која во последните неколку месеци од граѓани биле извлечени над 60.000 евра. Поднесени се кривични пријави против четворица соизвршители, додека организаторите засега не се достапни за органите на прогонот. Според истрагата, повиците биле од броеви од Романија, а парите завршувале кај лице во Бугарија, поради што Обвинителството бара меѓународна правна помош.
Основното јавно обвинителство во Битола, заедно со битолската полиција, откри разработена шема на измами на граѓани преку лажни информации за сообраќајни несреќи. Во последните неколку месеци на подрачјето на Битола биле измамени повеќе од десет граѓани, од кои биле извлечени над 60.000 евра, но и други вредни предмети.
Досега ОЈО поднесе обвинение против четири лица кои се гонат како соизвршители во измамите и директно ги преземале парите од измамените граѓани. Бројот на вакви случаи значително се зголеми од почетокот на февруари, кога беа пријавени шест вакви измами.
- „Во сите предмети начинот на извршување е сличен – оштетени се најчесто повозрасни лица кои добиваат телефонски повик дека нивен близок е тешко повреден во сообраќајна несреќа и дека итно се потребни пари за операција. Во други случаи им се кажува дека нивен близок предизвикал сообраќајна несреќа со тешки последици и дека парите се потребни за да се избегне затворска казна“, информираат од Основното јавно обвинителство Битола.
Исплашени и доведени во заблуда, граѓаните се согласувале да предадат пари лично на рака – од неколку десетици илјади денари до над 20.000 евра, како и златен накит и други вредности. Парите ги предавале на различни локации во Битола на лица кои претходно биле ангажирани за работа преку огласи на Фејсбук.
Според сознанијата на истрагата, собраните пари потоа биле пренесувани и предавани на засега непознато лице во Бугарија, додека телефонските повици до оштетените биле остварувани од телефонски броеви од Романија.
Обвинителството побара меѓународна правна помош од овие држави за откривање на сторителите на измамите.
Истражните органи апелираат граѓаните да бидат внимателни и да не исплаќаат парични средства на непознати лица без претходна проверка на информациите.
Емилија Мисирлиевски











