Речиси 30.000 Палестинци се убиени, а над 70.000 се повредени во израелските напади врз Газа од 7 октомври, соопшти министерството за здравство во Појасот под контрола на Хамас. Обединетите нации предупредија дека над половина милион од населението во палестинската енклава е на раб на глад, а речиси целата популација на територијата има неопходна потреба од храна. Хуманитарен претставник на организацијата нагласи дека најмалку едно од шест деца до двегодишна возраст во северниот дел на Газа страдаат од акутна неухранетост и слабеење.
Состојбата во Газа станува сè понеднослива од ден во ден и покрај апелите на меѓународната заедница до израелските власти за минимизирање на цивилните жртви, но и за прекин на огнот. Според палестинскиот амбасадор во Русија, за утре во Москва е закажан состанок меѓу претставници на Хамас и Фатах на кој ќе се разговара за формирање на обединета палестинска влада во обновата на Газа. Во Катар, пак, во тек се преговори меѓу израелските сили и Хамас за прекин на огнот и ослободување на заложници, но катарското министерство за надворешни работи дека „нема напредок“, иако двете страни се под силен притисок за прифаќање на договорот од Париз.
Надвор од појасот Газа се заоструваат односите меѓу САД и Израел. Американскиот претседател Џо Бајден му порача на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека ризикува губење на меѓународната поддршка доколку не го ублажи ставот за војната во Појасот.
Во меѓувреме, Израел продолжува со воените операции ширум Појасот Газа и на Западниот брег. Размена на оган има и во граничното подрачје меѓу Либан и Израел, околу Голанската висорамнин, меѓу израелските сили и Хезболах. Не мируваат ниту јеменските Хути кои порачаа дека ќе ги преиспитаат ракетните и нападите со дронови врз комерцијални бродови во Црвеното Море, дури откако ќе заврши израелската агресија на Газа.
Сашко Димовски











