Нема навремено и комплетно дигитално следење на сметководствено-финансиските услуги на 40 државни институции, вклучувајќи и 10 министерства преку кои минуваат речиси 19 проценти од државниот Буџет, бидејќи системот за Интегрирано планирање на ресурсите (ИПР) ниту се одржува, ниту се пополнува, ниту се контролира како што е пропишано, покажува последниот извештај на Државниот завод за ревизија. Затоа се доведува во прашање точноста на финансиските извештаи на државните институции.
„Овој пристап го зголемува ризикот од нецелосно евидентирање на обврските и влијае врз точноста на финансиските извештаи и извештаите за финансиската состојба, како и на квалитетот на податоците и информациите кои ги даваат истите“, велат од Државниот завод за ревизија (ДЗР).
Покрај Службата за општи и заеднички работи на Владата (СОЗР), овој систем го користат и економија, правда, здравство, транспорт и врски, Антикорупциската комисија, АХВ, пазарниот инспекторат, Бирото за метрологија.
Според ДЗР, во периодот од декември 2019 до декември 2024 година, нема валиден договор за одржување на системот.
„Ваквата состојба влијае на безбедноста, достапноста и точноста на податоците, како и до потешкотии во изготвувањето на финансиските извештаи за соодветните известувачки периоди. Во периодот на одржување не се преземени активности за редовна проверка на резервната копија (бекап) на податоците, а со тоа се зголемува ризикот од поврат на податоците“, се укажува во ревизорскиот извештај.
Самото функционирање на системот, исто така, е лошо, бидејќи функционира на база на стар оперативен систем „Виндоус“ нема двостепен систем за верификација и има многу недостатоци при заучување на податоците и нивните копии.
„Воспоставената конфигурацијата за снимање на логови во системот резултира со автоматско бришење на најстарите записи. Не постои локација за чување на ревизорската трага, а системот не зачувува информации за сите настани, што ја оневозможува контролата на пристапот и идентификацијата на неовластени активности. Резервните копии не се претворени во нечитлива форма, не се чуваат на надворешна локација“, се наведува во извештајот на ДЗР.
Од ДЗР дале 30 препораки до надлежното министерство за дигитална трансформација за да се подобри функционалноста на системот за Интегрирано планирање на ресурсите.
Огнен Чанчаревиќ











