Јавното претпријатие „Охридски комуналец“ работи со блокирана трансакциска сметка од 2006 година и е во постојана финансиска нестабилност, покажува извештајот на Државниот завод за ревизија.
Претпријатието има зголемени долгови, работи со загуба и функционира со месечен лимит од 16,9 милиони денари, а постојано презема нови обврски кои не може да ги сервисира навреме.
Ревизијата открила дека без соодветна документација се издадени околу 27.000 литри дизел за неисправни возила и 10.000 литри за неевидентирани возила, што укажува на ненаменско користење на средства.
Исто така, не се врши соодветна контрола на мерилата за гориво, а евиденцијата за отпад и договори со правни лица речиси не постои. Назначеното лице за управување со отпад нема соодветна лиценца.
Дополнително, на вработените им се исплаќаат аванси врз основа на рачно напишани барања, без законска основа, а се користат и „привремени принудни одмори“ со 70% плата дури и за клучен персонал.
Поради сите констатирани неправилности, ДЗР изрази неповолно мислење за финансиските извештаи на претпријатието за 2023 година.











