Тендер по принципот клуч на рака без доказ за оправданост, без анализи за цени и во вредност од речиси 30 милиони евра склучил ТИРЗ со само еден оператор иако набавката можела да се дели, утврдиле државните ревизори во извештајот кој е работен за 2023 и 2024 година.
Се граделе објекти за времено сместување и амбуланта за прва помош, детски градинки и складишта со паркинг во ТИРЗ Скопје 1 и 2, а за нив бил исплатен аванс од 20% од договорната вредност односно скоро 5 милиони евра.
Според ревизорите ова создавало правна несигурност и финансиски ризик за договорниот орган… Ревизијата утврдила и други неправилности, односно дека ТИРЗ склучил договор со фирма за ПР услуги иако има Сектор за маркетинг и комуникација.
Ревизорите не биле убедени дека имало потреба и ефекти од договорот.
Со ревизијата обелоденето е дека 287 хектари од вкупната корисна површина на ТИРЗ и индустриските зони не се функционално искористени, односно не се дадени под закуп.
Седум од вкупно 16-те зони, и една индустриска зона не се ставени во функција, односно просторот на истите не е издаден на корисници.
Ревизијата укажала и на повеќе системски слабости поврзани со објектите кои се водат како инвестиции во тек, управувањето со државната помош и законската неусогласеност во делот на платите.
Б.С.











