Не го прифати, но ниту го одби. Рускиот претседател на денешната прес конференција изјави дека се согласува со предлогот за прекин на насилствата во Украина, но потенцираше дека има многу детали кои треба да се усогласат пред да биде прогласено примирје.
„Се согласуваме со предлозите за прекин на огнот, но ние тргнуваме од фактот дека тоа примирје треба да биде такво што ќе доведе до траен мир и елиминирање на причините кои доведоа до оваа криза“ изјави Владимир Путин – Претседател на Руската Федерација.
Коментарот на Путин за американскиот предлог, кој Украинците на средбата со Американците во Саудиска Арабија пред два дена го прифатија, го даде пред денешната средба со специјалниот пратеник на Трамп, Стив Виткоф.
Во исто време, доаѓа само неколку часа откако неговиот советник за надворешна политика, Јури Ушаков, го критикуваше предлогот дека ќе ѝ даде време на украинската армија да ги зацврсти своите позиции и да ја продолжи војната.
„Нашиот став е дека тоа е само привремена пауза за украинската војска и ништо друго. Нашата цел е долгорочно мирно решение, земајќи ги предвид легитимните интереси на нашата земја и добро познатите грижи. Никому не се потребни лажни чекори кон мир“ изјави Јури Ушаков – Советник за надворешна политика на Владимир Путин.
Изјавата на Путин може да се сфати на повеќе начини, и се чини дека токму тоа е и целта. Свесен дека има поголем простор за маневрирање, рускиот претседател реши прво да се обиде со деликатна дипломатија. Со тоа што директно не го одби предлогот, се надева дека ќе избегне тензии во односите со САД, кои само што почнаа да се подобруваат, додека од друга страна прифаќањето на привремениот прекин на огнот уште на самиот почеток би ја ослабело преговарачката позиција на Москва.
Прашањето сега е како Белата куќа ќе ја интерпретира изјавата на Путин, како покана за продолжување на преговорите, или обид за попречување на напорите за примирје на американскиот претседател.
Игор Трајков











