Повеќе силни екплозии го потресоа рано утринава Киев, во првиот напад во главниот град на Украина по подолго време.
Иако на почетокот на инвазијата голем број руски сили ги напаѓаа предградијата на Киев, заканувајќи се со заземање на престолнината, веќе неколку недели руските сили ги пренасочија своите операции во регионот Донбас, во источна Украина.
Украинските власти ги потврдија нападите во Киев, тврдејќи дека била уништена цивилна инфраструктура.
Сосема поинаква верзија за бомбардирањето доаѓа од руската армија, која соопшти дека цел на ракетните напади биле тенковите од советско производство кои на Украина како воена помош и ги дадоа источно-европските држави.
„Високо прецизни проектили со долг досег ланирани од руските воздушни сили уништија повеќе тенкови Т-72 обезбедени од источно европските држави, како и други оклопни возила лоцирани во зградите за поправка на возила во предградијата на Киев“ – вели Игор Конашенков, портпарол на руското министерство за одбрана.
Најжестоките руски напади сепак се концентрирани во градот Северодоњецк. Украинскиот претседател Володимир Зеленски потврди дека ситуација во овој град, останува екстремно тешка, при што борби се водат за контрола на секоја улица.
Освојувањето на овој град би и овозможило на Русија и на про-руските сепаратисти целосна контрола на регионот Луганск, кои веќе контролираат поголем дел и од соседнит источен регион Доњецк.
Северодоњецк и другите градови во источна Украина се напаѓаат со постојани воздушни, артилериски и ракетни напади, но нашите бранители не се предаваат, тврди Зеленски.
Гувернерот на Луганск, Серхеј Хаидал, тврди дека Украинските бранители ќе ги издржат руските напади и откако ќе ги добијат ветените артилериски оружја од САД и НАТО сојузниците, ќе ја нападнат руската артилерија која ги предводи нападите. „Руската пешадија потоа ќе избега, без да губи време“ – тврди Хајдал.
Жестоките борби во Северодоњецк и Лисичанск ги оставија овие градови во урнатини, тврдат Украинците, иако голем број цивили и натаму се кријат во подрумите и подземните засолништа.
Никола Илиевски











