Русија во текот на ноќта изведе серија воздушни напади врз Харков и Киев, како одмазда за украинското гранатирање на Белгород. На удар, според руското министерство за одбрана, се нашле воени објекти и управни центри. Украински официјални лица, пак, објавија дека се погодени и станбени згради, хотели и медицински установи. Во нападот со дронови врз најголемите градови во Украина се повредени најмалку 28 лица. Воените власти во Киев објавија дека украинската противвоздушна одбрана соборила 21 од вкупно 49 дронови, без да прецизира за штетите кои се направени во нападот.
Бројот на загинати во Белгород по украинскиот напад во саботата се искачи на 24, а над 110 се повредени. Тоа беше причина за итна седница на Советот за безбедност при ОН на барање на Русија на која рускиот амбасадор Василиј Небензја го нарече нападот на Белгород дека е „акт на тероризам“ во кој беа користени и касетни бомби.
Со реакција се јави и генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш кој ги осуди нападите врз цивилни цели. Тој повтори тие претставуваат кршење на меѓународното право, неприфатливи се и треба да запрат.
Руско-украинската војна е на праг да влезе во третата година. Ситуацијата на бојното поле е статус-кво. Долгонајавуваната украинска противофанзива не ги даде очекуваните и посакувани резултати.
Руските официјални претставници, пак, објавија дека речиси 90 отсто од жителите на Крим, во самопрогласените републики Доњецк и Луганск, како и областите Запорожје, Херсон и Ростов добиле руски пасоши во 2023 година. Во тие региони се отворени и девет објекти за печатење на лични документи и 100 миграциски одделенија, што според руското Министерство за внатрешни работи, останува еден од приоритетите за властите во Москва и во наредниот период.
Сако Димовски











